Спасовски: По вонредната состојба, продолжуваат да течат роковите за избори

Премиерот Оливер Спасовски изјави дека во моментот кога ќе престане вонредната состојба, треба да продолжат да течат роковите за изборните дејствија. Тој на денешната прес-конференција во Владата рече дека со уредба донесена од Владата изборите се ставени во мирување и дека немале друга правна можност за одложување на изборите, освен преку таа уредба да се стават во мирување сите изборни рокови.

„Сосема е јасно врз основа на уредбата донесена од Влада, дека ако за време на вонредната состојба се стопираат роковите, треба да се има во предвид уставната норма дека изборите мора да се одржат во рок од 60 дена од распуштање на Собранието, така што роковите кои поминале до вонредна состојба и имаме вонредна состојба каде што се стопирани сите рокови, со престанување на вонредната состојба продолжуваат да течат и роковите понатаму и се одржуваат изборите се со цел да нема можност за кршење на Уставот“, рече Спасовски.

Вонредна состојба или избори - лидерска кај Пендаровски

Премиерот вели дека Државната изборна комисија (ДИК) е должна врз основа на пропишаните рокови во законот да ги спроведе изборите, и за тоа постојат рокови точно дефинирани како и на кој начин тоа се прави.

Спасовски на денешна прес-конференција информира дека Владата прави анализи на сето она што е преземено досега во однос на прогласувањето на вонредната состојба во неколку сегменти и според движењето во тие сегменти ќе биде донесена одлука дали повторно ќе се побара нова вонредна состојба.