Од Водно до Амазонија
БРАЗИЛ - Бразилскиот потпретседател Хамилтон Моура изјави дека почнало распоредување на воени единицитрупи за заштита на Амазонија, почнувајќи со сојузната држава Рондонија на границата со Боливија. Ова следува откако минатата недела шефот на бразилската држава, Жаир Болсонаро, донесе уредба со која се дозволува распоредување на војската, слично како минатата година, по разорните пожари и интензивното сечење на шумите. Оваа година армијата се испраќа три месеци порано од минатата година.
МАКЕДОНИЈА - По три часа разговори заврши средбата на лидерите на политичките партии, премиерот Оливер Спасовски и претседателот на Собранието Талат Џафери кај претседателот Стево Пендаровски во Вила Водно. Тие се договоиле да имаат нова средба следната недела, оти на оваа не паднал договор за датум за избори.
МАКЕДОНИЈА - ИВЗ од денеска ги отвори џамиите за верниците, и покрај досегашните апели на надлежните за преиспитување на оваа одлука, поради пандемијата на коронавирусот.
МАКЕДОНИЈА - Комисијата за заразни болести достави предлог план за олабавување на мерките, кои вклучуваат прво отворање на центри за едукација и обука, организација на седници и органи за управување со конферении, авто школи, спортски центри на отворено за индивидуални тренинзи како тенис и затворени трговски центри, а потоа да се отворат и рестораните, градинките, кафулињата, теретаните...
СРБИЈА - Србија од 1 јуни да ги отвора своите граници со соседните земји – Македонија, Црна Гора Албанија и Босна и Херцеговина, препорачал Кризниот штаб за заштита на јавно здравје од заразни болести.
САД - Претседателот на САД, Доналд Трамп, синоќа ненадејно ја прекина прес-конференцијата во Белата куќа по жестоката конверзација со новинарките Ваија Jианг од Си-би-Ес њуз и Кајтлан Колинс од Си-Ен-Ен.
РУСИЈА - Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, е тестиран за коронавирус и резултатот е позитивен, објавија руските медиуми. Информацијата ја потврди и Песков.
АВГАНИСТАН - Тројца вооружени напаѓачи нападнале болница во западен Кабул, во шиитска населба. Тие со часови се препукувале со авганистанските безбедносни сили. Авганистанското Министерство за одбрана соопшти дека во нападот се убиени 14 луѓе, меѓу кои и две новороденчиња, а 15 други луѓе се повредени.