Од утре со работа повторно почнуваат дејности со помал ризик - завод за рехабилитација на говор, слух, и говор обуки и семинари за возрасни, седници на органи за управување, авто-школи и авто-испитни центри, тренинзи за индивидуални спортови на отворено, како тенис, а ќе може да работат и моловите, но без угостителска дејност, како и спортските обложувалници со шалтерска уплата, исто така без угостителска дејност.
На функционерите ќе им се дозволат службени патувања во странство за итна потреба и во согласност со Комисијата за заразни болести и нема да мора да одат во задолжителен карантин кога ќе се вратат.
За сè ќе има посебни протоколи за безбедност според Комисијата за заразни болести, изјави премиерот Оливер Спасовски на прес-конференција, на која зборуваше за намалување на рестрикциите воведени за борба против коронавирусот.
„Тоа е нов чекор кон новата нормалност, условите го дозволуваат тоа, ситуацијата е под контрола“, вели премиерот Спасовски.
Премиерот вели дека не дозволиле ширењето на вирусот за да го загрози здравствениот систем, а сега следува фаза во која се очекува опаѓање на интензитетот на ширење на болеста.
По овие намалувања на рестрикциите, ќе следува план за олабавување во три фази, а пред секоја наредна фаза ќе има нова проценка дали да има ново олабавување.
Протоколи кои ќе требада се почитуваат се - дистанца, дезинфекција, заштитна опрема.
„Треба да прифатиме дека уште долго време нема да биде како пред пандемијата и мора да се навикнуваме на новата нормалност“, рече премиерот.
Тој во врска со некои најави за одржување протести, рече дека во сила сè уште се оние мерки кои забрануваат групирања на повеќе од двајца на јавен простор.