Ако некој во Софија има илузии дека еден ден во Скопје ќе си ја посипат главата со пепел и ќе ја признаат бугарската верзија за македонските историја и јазик, со сигурност го очекува лошо изненадеување, вели бугарскиот историчар и политички аналитичар Димитар Бечев, во колумната за Радио Слободна Европа на бугарски јазик.
„Во моментот Софија е во силна позиција. Почетокот на пристапните преговори е моментот кога од земја-кандидат може да се извлечат значителни отстапки. Ако Бугарија смета дека залогот е животоважен национален интерес, таа не може а да не ја искористи можноста пред неа. На истиот начин на кој премиерот Борисов го извојува потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка на 1 август 2017 година. Долги години Никола Груевски одбиваше да прифати таков документ. Но, за Зоран Заев беше од исклучителна важност да го рестартира процесот на евроатлантските интеграции, а без благословот на Софија – и најмногу на Атина – не можеше да се случи“, пишува Бечев во колумната.
- Борисов: кажавме кои се нашите услови за ЕУ интеграцијата на С. Македонија
- ЕУ ветува помош за проблемите со Бугарија
Но, проблемот не е во краткорочните решенија и пристапи, туку во долгорочните цели, вели Бечев и додава дека „ваквата реторика на бугарската власт само ќе го засили ВМРО-ДПМНЕ“.
„Ако некој во Софија има илузии дека еден ден во Скопје ќе си ја посипат главата со пепел и ќе ја признаат бугарската верзија за македонските историја и јазик, со сигурност го очекува лошо изненадување. Уште повеќе доколку смета дека најсигурниот начин за реализирањето на таа цел е дипломатскиот притисок. Резултатот ќе биде токму спротивниот. Секоја отстапка од страна на Северна Македонија ќе поттикнува бран на антибугарски емоции“, пишува Бечев во колумната за РСЕ.