ФБИ: Кинески хакери се обидуваат да украдат истражување за Ковид-19 вакцина

Американското федерално биро за истраги ФБИ и експерти за компјутерска безбедност сметаат дека кинески хакери се обидуваат да украдат истражување за развој на вакцина против коронавирус, објавија два американски весника, пренесе новинската агенција АФП.

Волстрит журнал и Њујорк тајмс објавија дека ФБИ и Министерството за внатрешна безбедност планираат да издадат предупредување за кинеските хакери, бидејќи владите и приватните фирми се борат да развијат вакцина за Ковид-19. Хакерите, исто така, таргетираат информации и интелектуална сопственост за третмани и тестирања за Ковид-19, пренесе АФП.

Во извештаите на ФБИ се наведува дека американски официјални лица тврделе дека хакерите се поврзани со кинеската влада и може да има и официјално предупредување за ова за неколку дена.

Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Кина, Зао Лијан, го отфрли обвинението, велејќи дека Кина цврсто се спротивставува на сите сајбер напади.

„Неморално е да се насочи Кина со гласини и клевети во отсуство на докази“, рече портпаролот.

На прашање за извештаите, претседателот Доналд Трамп не даде потврда, туку само рече: „Што друго е ново со Кина? Што друго е ново? Кажи ми. Јас не сум задоволен од Кина. Следиме внимателно“, пренесе АФП.