Турција воспоставува посебни хигиенски мерки за да се подготви за враќање на туристите, изјави турскиот министер за култура и туризам Мехмет Есрој за Си Ен Ен. Тој дополни дека чекор по чекор, до крајот на мај, ќе бидат укинати ограничувањата за патување во рамки на државата, а постепено ќе се воведуваат и меѓународни летови. Владата развила програма за издавање сертификати за хотели и ресторани, кои ќе мораат да ги задоволат строгите критериуми.
Ердоган го претстави планот за олеснување на мерките во Турција
Есрој прецизира дека има околу 130 критериуми, кои вклучуваат почитување на хигиенски услови и физичка дистанца. Вработените, исто така, ќе мора да бидат обучени за спречување на ширењето на инфекцијата. Се укинува самопослужувањето со храна и пијалаци. Владата, исто така, објави попис на болници со нивните капацитети, кои ќе бидат достапни во популарните туристички дестинации. Туризмот е значен дел од турската економија, а пред пандемијата, турските власти за годинава очекуваа 58 милиони гости.