Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изјави дека се за одржување избори ова лето, но за избори кои нема да го загрозат животот на граѓаните. Повтори дека приоритет на партијата пред се е здравјето на граѓаните, а потоа фер и демократски избори.
Тој во вестите на телевизија Телма посочи дека принципот на ВМРО-ДПМНЕ со кој ќе настапи на лидерската средба е прв и основен приоритет е здравјето на граѓаните, а дури потоа може да се дискутира за какви било датуми што ќе овозможат фер и демократски презентирање на политичката платформа.
„За да видиме кога ќе се одржат избори сакам да ги слушнам здравствените власти и по тоа да се водам, а исто така и претседателот на ДИК колку време се потребни за подготовки на предвремените парламентарни избори“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека според правните норми по завршување на вонредната состојба потребни се 60-тина дена за да се организиараат изборите и рече дека се надева оти за датумот на изборите ќе се постигне консензус со останатите политички партии.
Претходно денеска претседателот на СДСМ Зоран Заев рече дека заедно со коалиционите партнери утврдиле дека треба да се искористи моментот на олабавување на коронавирусот и да се оди на избори во средината на јуни, поточно на 14 јуни и дека со тој став ќе настапи на лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски во вторник.