По повеќе од еден месец, регистриран прв случај на коронавирус во Вухан

Илустрација- луѓе со маски пред седиштето на Комунистичката партија во Вухан

Кина денеска пријави прв потврден случај на коронавирус по повеќе од еден месец во Вухан, градот во кој изби епидемијата во декември минатата година, јавува агенцијата Франс Прес. Кинеската национална комисија за здравство исто така јави за првото двоцифрено зголемување на бројот на заболени на национално ниво во последните десет дена, наведувајќи дека се потврдени 14 нови случаи. Два од нив се внесени во земјата, наведоа од комисијата.

Инаку коронавирусот првпат се појави во индустрискиот град Вухан лани. Од него сега се инфицирани речиси четири милиони луѓе во светот, а повеќе од 270 000 починаа. Вкупниот број на инфицирани во Кина изнесуваше 82 901, а според официјалните бројки починаа 4 633 луѓе. Речиси еден месец нема извештаи за нови починати во земјата.

Кинеската комунистичка партија воспостави карантин за десетици милиони луѓе, прво во Вухан, а потоа и во останатиот дел од провинцијата Хубеи, а олеснувањата на мерките почнаа во март. Кина се соочи со критики дома и во светот за потценување на вирусот и несподелување на навремени информации за состојбата во Вухан, што Пекинг го негира наведувајќи дека секогаш споделувал информации со Светската здравствена организација и други земји.