СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во расправија за новите „бомби“

Седиштата на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ

Лидерот на СДСМ Зоран Заев по состанокот со коалициските партнери од коалицијата „Можеме“, коментирајќи ги последните „бомби“ објавени вчера рече дека тие докажуваат оти бил уверен дека граѓаните ќе поддржат демократски, а не режимски политики.

„Тоа дека граѓанските организации се многу поблиски до демократските политики за чив предводник се сметав во тоа време, тоа го докажуваат самите разговори, отколку за режимските политики на Мицкоски и Груевски. На таа тема јас добро знам дека нема сила што може да ги контролира невладините организации и граѓанските активисти“, рече Заев и додаде дека тој бил во 17-от ред кога биле сите маршови и протести, а напред биле граѓанските организации.

Во однос на аудио материјалите кои ги поседуваше и објавуваше Заев како опозиционер, тој вели и дека од разговорот се потврдувало дека тие биле дадени во Специјалното јавно обвинителство и никаде на друго место.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, наведуваат дека од „бомбите“ јавноста слушна и како под целосна контрола на Заев и во негова служба е ставено „рекетарското СЈО“.

„Во една од снимките тој најавува што натака СЈО ќе прави и како жестоко ќе се справува со неговите политички противници. Слушнавме и како Заев тргувал со нелегално прислушкуваните материјали раздавајќи ги по луѓе за да уценува политичари. Македонската јавност доби потврда за едуцираната претпоставка дека граѓанските организации, и оние финансирани од СОРОС, како граѓанскиот парламент, студентскиот парламент се под контрола на Зоран Заев“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Вчера на Јутјуб излегоа снимки кои ги објави порталот Инфомакс. Во четирите аудио записи кои траат по неколку секунди се вели дека се слуша Заев со соговорник. Дел од разговорите од записите порталот наведува дека се однесуваат на изборите во 2016 година. Во нив се слуша како Заев зборува за граѓанските организации финансирани од Сорос, а во друг разговор и за тоа дали снимките му ги дал на Захир Беќири Чауш.