Лидерот на српското движење Двери, Бошко Обрадовиќ започна штрајк со глад пред Националното собрание. Тој рече дека со ова му се придружува на независниот пратеник Миладин Шеварлиќ, кој ќе штрајкува со глад поради невозможност, како што рече, да ги придобие пратениците во Собранието да расправаат за нарушувања на територијалниот интегритет и суверенитет на Србија и непочитување на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ООН за Косово.
„Само што се приклучив на професор доктор Миладин Шевалиќ во штрајкот со глад пред Домот на Народното собрание. И верувам дека нема да бидам единствениот. Не само заради зачувувањето на Косово како дел од Србија, туку и поради кршење на Уставот, рушење на демократијата и одложување на изборите“, напиша Обрадовиќ на Твитер.
Пратеникот од владејачката Српска напредна странка (СНС) Александар Мартиновиќ по објавата на Обрадовиќ, најави дека тој и неговата сопартијка, пратеничката Сандра Божиќ, стапуваат исто така во штрајк со глад со барање обвинителството да реагира на испадите на лидерот на опозициското движење Двери.
Обрадовиќ, пак, уште еднаш побара седницата на Собранието на Србија да биде прекината и изборите да бидат одложени до крајот на годината, а претходно денеска на прес-конференција која ја одржа во парламентот, изјави дека Двери нема да учествува на претстојните избори закажани за 21 јуни. Српскиот парламент денеска расправа за амандманите за предлог измените на Законот за избор на пратеници, на Законот за локални избори и на Законот за заштита на населенито од заразни болести.