Полицијата во Германија соопшти дека десетици луѓе се приведени на протестите во неколку града против рестрикциите воведени поради пандемијата од коронавирусот. До ова дојде откако некои од вчерашните протести прераснаа во насилни.
Полицијата во Берлин соопшти дека 86 луѓе се притворени откако фрлале шишиња кон полицајците на демонстранциите кои се одржаа на Алексадерплац, главниот плоштад на поранешен источен Берлин. Најмалку еден полицаец е повреден.
Во западниот град Дортмунд, полицијата соопшти дека маж нападанал телевизиска екипа која известувала од протестот што е трет ваков напад во Германија во последните две недели. 23 годишникот, кој ја нападнал екипата, е приведен.
Полицијата во Келн соопшти дека некои од демонстрантите барале од купувачите да ги тргнат маските од лице кога влегуваат во продавница.
Во Минхен, полицијата на мегафони им се обрати на демонстрантите со барање да одржуваат физичка дистанца за да го намалат ризикот од инфекција. Протестите во Германија доаѓаат во време на постепено олеснување на мерките за заштита од коронавирусот.