Министерството за здравство соопшти дека денеска Комисијата за заразни болести одржа состанок на кој е разгледана можноста за олеснување на досегашните мерки за превенција и заштита од ширење на коронавирусот. Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести одлучија да препорачаат до Владата сите досега донесени мерки да останат во сила.
Tрендот на нови случаи со Ковид-19 во следните два дена, како што се посочува, ќе биде разгледуван на состанокот на Комисијата за заразни болести во понеделник, по што ќе бидат дадени нови препораки до Владата за понатамошно постапување во однос на мерките.
Инаку, во изминатите 24 часа потврдени се 36 нови случаи на ковид-19 во Македонија, информираше Министерството за здравство. Од новозаболените седум се во Скопје, во Куманово четири, во Прилеп четири, во Тетово 12, во Велес 6, а во Гостивар, Пехчево и Берово има регистрирано по еден случај.
Вчера министерот за здравство Венко Филипче рече дека од резултатите на тестирањата, дали ќе има помал или поголем број новодијагностицирани со коронавирусот, ќе зависи димензионирањето на натамошните мерки и постепеното отворање на економијата и го најави денешниот состанок на комисијата. Бројката на новозаболени периодов се намалуваше, но на седми мај беа регистрирани 33 новозаразени, што го вклучи алармот кај здравствените власти.
Министерството за здравство денеска апелира до граѓаните доследно да се придржуваат до мерките, да ја почитуваат забраната за групи поголеми од две лица, да се држи дистанца од најмалку два метра и задолжително да се носи заштитна опрема за лице во случај кога просторот меѓу граѓаните е помал од пропишаното.