Претседателот Стево Пендаровски упати порака по повод 9 Мај – Денот на Европа и Ден на победата над фашизмот. Во пораката, како што соопштуваат од неговиот Кабинет, наведува дека пред седум децении тогашниот француски министер Роберт Шуман ја претстави својата визија за Европа во која истакна дека „Европа нема да се изгради одеднаш или според еден единствен план. Таа ќе се гради преку реални достигнувања кои првенствено создаваат де факто солидарност“.
„Уште од независноста во 1991 година, македонското општество ја избра Европската Унија како своја стратешка цел, прифаќајќи ги европските вредности на демократија, владеење на правото, економска соработка и просперитет за своите граѓани. Оваа година се оствари сонот на многу генерации, ја добивме одлуката за почеток на преговорите за членство, наскоро очекуваме да се определи преговарачката рамка, а по нејзиното одобрување да го почнеме пристапниот процес со првата меѓувладина конференција“, наведува Пендаровски.
Во пораката додава дека пандемијата предизвикана од КОВИД-19 ни ја покажа на дело важноста да се биде дел од европското семејство и поддршката која оваа заедница може да ни ја обезбеди за стабилност и просперитет. Во пораката стои дека овој ден, исто така, го одбележуваме како Ден на победата над фашизмот. Пред 75 години, антифашистичката коалиција извојува голема победа со безусловната нацистичка капитулација.