Владата веќе прави план за враќање на животот во нормала, а веќе се работи и на нови протоколи како да се отворат градинките, најави денеска техничкиот премиер, Оливер Спасовски за време на работната посета на Пробиштип.
„Јас сметам дека преку добро изградени протоколи, за однесување, што треба да се преземе од аспект на здравјето и на децата и на вработените во градинките и за спречување на ширење на коронавирусот, децата ќе можат да се вратат во градинките врз основа на тие протоколи. Меѓутоа за тоа Владата ќе донесе одлуки, а важно е да има верба кај граѓаните“, рече Спасовски.
Тој истакна дека во овие моменти е важна довербата на граѓаните. Последните истражувања и анкети покажале дека над 68 отсто од граѓаните сметаат оти Владата добро се справува со здравствената криза.