Струшкото обвинителство отвори предмет по објавување на снимките и фотографиите на социјалните мрежи од масовното присуство на граѓани на литијата одржана на 7 мај, по повод верскиот празник Св. Ѓорѓија.
„Постапувањето на обвинителството е заради присуството на граѓани на литијата во услови на пандемија, кога не се почитувани одлуките на Владата на Република Северна Македонија за задолжително придржување на здравствените прописи и тоа во однос на забраната за групирање во групи поголеми од две лица, потребното растојание од најмалку два метра меѓу лицата и задолжително носење заштитни маски доколку просторот меѓу граѓаните е помал од пропишаното“, информираат од Обвинителството.
Струшкото Обвинителство поднело барање до МВР – ОВР Струга за проверка на настанот и откривање на евентуални сторители на кривичното дело. Притоа, како што наведуваат од Обвинителството, побарано е да се идентификуваат и повикаат организаторите на литијата за да се утврди дали настанот бил уредно пријавен.
Свештенството при храмот Св. Георгиј, организатор на традиционалната литија што се одржа вчера во Струга, а по која уследија реакции за непридржување на верниците до мерите за заштита од вирусот Ковид-19, соопшти дека црквата неколку дена претходно и пред самиот настан гласно повикала на придржување на мерките дадени од државните власти и потенцира дека нема никаков простор за обвинување.