Зголемувањето на новозаразени ќе се следи, следува скрининг

Денеска имаме скок на новодијагностицирани пациенти и тоа ќе биде следено да се утврди дали ќе биде варијација или ќе стане тренд. Досега имавме неколку вакви случаи, па ќе се следи во текот на утрешниот ден и в сабота, па ќе следат дополнителни одлуки, но засега остануваат сите мерки и апелирам граѓаните да ги почитуваат, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче. Во последните 24 часа се евидентирани 33 новозаразени, 22 оздравени и еден починат.

Филипче информираше дека стасале 20 монитори помош од ЕУ, уште дополнителни 25 илјади маски, хируршки маски, ракавици, заштитни ракавици во вредност од 3,2 милиони евра, а стигнала и потврда дека ќе пристигнат 20 респиратори од Норвешка.

„ИЈЗ го заврши планот за скрининг кој треба да почне од наредната недела на критичните групи на граѓани. Ќе бидат опфатени полицајците, таксистите, негувателките во градинките, возачите во ЈСП, пациентите кои треба да бидат хоспитализирани и други“, рече Филипче и додаде дека планот е да се прават по 400 до 500 тестови на ден со PCR тестови.