Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и операторите за храна од јануари до март годинава уништиле над 85 тони небезбедна храна, соопшти АХВ. Најголемиот дел небезбедна храна, односно 68.541 килограми, ги повлекле самите оператори согласно имплементираните ХАСАП планови, додека инспекторите за храна и официјалните ветеринари, како небезбедни уништиле 17.173 килограми храна.
„Од вкупно уништената небезбедна храна од страна на инспекторите за храна и официјалните ветеринари во првиот квартал годинава, 277 килограми била храна од неживотинско, а остатокот од животинско потекло. Од почетокот на годинава до март инспекциските служби на АХВ спровеле вкупно 12.699 контроли и за утврдените недоследности, изречени се 6 наредби за отстранување на недоследности, една мерка забрана и 3 мерки едукација на операторите“, се наведува во соопштението на АХВ.
За утврдените недоследности инспекторите донеле 851 решение за нивно отстранување, изрекле 13 парични казни за операторите со храна, спровеле 423 едукации и поднеле 5 прекршочни пријави.