Заев: Најоптимален термин за изборите е средина на јуни

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев изјави денеска дека мора да бидат одговорни кон државата и да го прифатат првиот момент за избори, а најоптимално, тоа би било во средината на јуни.

„Има доволно време од завршувањето на вонредната состојба за сите активности, ако, секако, тоа го дозволи ситуацијата со коронавирусот за што, секако, ќе одлучат надлежните во здравството“, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев во вечерашното гостување на „Отворено студио“ на 24 вести.

Според него, причината за избори освен втор пик на КОВИД-19, е што нема Парламент, а и Владата е техничка. Заев нема информација кога точно ќе биде лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски на која ќе побара веднаш да се оди на избори.

Пендаровски најавува лидерска средба меѓу 10 и 12 мај

Тој истакна и дека нема потреба лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да бега од избори и има доволно време да ги претстават програмите и кандидатите.

Според Заев, поради здравстевната криза и економската состојба доцна е изборите да се одржат во почетокот на јули како што пред него во истата емисија рече Мицкоски.

Мицкоски: Владата лошо се справува со економските последици

Заев истакна и дека Бугарија сака да продолжи решавањето на историските прашања и дека ќе се најде решение и за Гоце Делчев.

„Треба да знаат граѓаните дека решението е победничко за двете страни. Само тогаш имаме договор и решение. Кога опозицијата го отвора ова прашање, нормално е бугарската страна да се брани. Прашањето е, зошто опозицијата го отвора? Зашто доаѓаат избори. Повторно игра на картата на национализмот и на она на што значи популизам, само заради популистички цели, рече Заев.

Според него, бугарскиот претседател Бојко Борисов го признава македонскиот јазик, а македонскиот јазик е составен дел и од Договорот за добрососедство со Бугарија.