Мицкоски: Владата лошо се справува со економските последици

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави дека власта лошо се справува со економските последици предизвикани од коронавирусот и оти следи тежок период во секторот. Според него, власта ќе има проблем да обезбеди средства кои недостигаат во Буџетот поради намалената економска активност. Мицкоски оцени дека после мај веќе нема да се уплаќаат аконтации, а ќе има проблем и да се набават пари, особено евтини пари.

За министерот за здравство Венко Филипче рече дека охрабрува по политичката кариера, да се врати да биде лекар. Доколку продолжи со политика, како што наведе тој, Филипче треба да внимава на јавни набавки. Мицкоски порача и дека во регионот сме меѓу првите по смртност од корона вирусот.

„Ако ги гледаме бројките по трите основни параметри по кои можеме да ја цениме успешноста на мерките, тоа е бројот на луѓе кои го загубиле животот на милион жители, бројот на луѓе кои што се инфицирани на милион жители, и бројот на тестови направени на милион жители. И доколку се анализираат 10 држави од регионот, ќе видите дека Македонија е во долната половина. Така што бројките морам да признаам не се на наша страна, но секој човечки живот спасен навистина е голем успех, бидејќи секој човек вреди“, рече Мицкоски во интервју за емисијата „Отворено студио“ на телевизија 24.

Мицкоски: Избори не се приоритет, Собранието не може да се свика

Лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски ќе се одржи на 12 мај, најави Мицкоски и порача дека останува на ставот
оти сега не е време за избори, туку за справување на последиците со пандемијата од коронавирусот и во здравствена, но и во економска смисла.