Владата на денешната седница ги усвои иницијативите за заштита на Шар Планина и Осоговските Планини. Министерството за животна средина и просторно планирање соопшти дека во претстојниот период ќе бидат спроведени јавни расправи по предлозите со локалното население, како и со сите засегнати страни и ќе бидат изготвени конечни предлози за прогласување на овие локации.
„Прогласувањето на овие две подрачја, што содржат високо ниво на биолошки и културни вредности, за заштитени зони, покрај тоа што значи исполнување на националните и меѓународните обврски за заштита на пределската разновидност и биодиверзитет, значи и искористување на огромниот потенцијал за развој на локалната економија, односно одржливо управување со природните ресурси, преку обезбедување еко-системски услуги и екотуризам“, порача министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.
Министерството ја предложило Шар Планина за Национален парк, а Осоговските Планини за Заштитен предел.