На денешното рочиште за „Рекет“, Судот го одбил и барањето на одбраната на обвинетиот Бојан Јовановски - Боки 13 како сведок во судот да се појави и поранешниот премиер Зоран Заев, откако претходно го одбил и барањето да сведочи екс-директорот на УБК, Горан Николовски. Според образложението на Судот, одбраната на Јовановски требало да го предложат претходно, кога била предложена првата листа на докази.
Покрај неколкуте одбиени сведоци, Судот одбил и дел од материјалните докази на одбраната во „Рекет“, со истото образложение - дека одбраната можела и требала да ги предложи претходно, односно на првата листа на докази.
Саша Дукоски, адвокатот на Јовановски, во изјава за медиумите, рече дека не го предложиле претходно Заев како сведок бидејќи сметале дека ќе произлезе нешто од вештачењето на мобилниот телефон на Јовановски. Но, тврди, вештачење воопшто не било направено, а на минатото рочиште како вештак се појавило лице од ИТ-индустријата кое нема лиценца за вештак ниту, пак, има неговата фирма, а во судница тоа лице, тврди Дуковски, кажало дека не го вештачело телефонот туку само три слики.
- Боки 13 го барал за сведок екс-директорот на УБК Николовски, судот одби
- „Рекет“ при крај, Кичеец чека правосилност на пресуда од слобода
Боки 13 и Дукоски бараа Зоран Заев да сведочи бидејќи „меѓу доказите на обвинителството што беа презентирани имаше пораки помеѓу Јовановски и експремиерот, кои обвинетиот како скриншотови ѝ ги препраќал на мајка си, а од кои можеше да се прочита дека, меѓу другото, Заев пишува дека ги видел доказите и дека станува збор за чист рекет“.
На денешното рочиште, Кривичниот суд во Скопје не го прифатил ни предлогот на Боки 13, во дополнение на доказната постапка како сведок да биде сослушан и Горан Николовски, поранешен директор на некогашната Управа за безбедност и контраразузнавање. Покрај Заев, на листата сведоци на адвокатот Дукоски биле и Оливер Спасовски, Радмила Шекеринска и Венко Филипче.