Димитров: Во јуни очекуваме предлог преговарачка рамка

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров

Рано во јуни очекуваме да ја добиеме предлог-преговарачката рамка и во зависност од корона кризата во период од неколку месеци таа да биде одобрена и да започнеме со првиот вистински чекор во преговорите – првата меѓувладина седница, рече денеска министерот за надворешни работи Никола Димитров, на онлајн брифингот на тема „Северна Македонија се приближува на ЕУ: Напората работа прави историја?” во организација на непрофитниот тинк-тенк Европски центар за политики, чиј претседател е Херман Ван Ромпуј, поранешен претседател на Европскиот совет.

„Планот, иако не изделкан во камен, е да се излезе со две преговарачки рамки – за Северна Македонија и за Албанија, заедно со пакетот документи за проширување, многу рано во јуни. Потоа, верувам дека ќе започнеме политички процес на ниво на земји членки, каде ќе биде дискутирано и ќе можат да понудат свој поглед на предлогот. Зависно од условите со пандемијата очекуваме дека во период од неколку месеци ќе имаме потврда на оваа преговарачка рамка и да започнеме со првиот вистински чекор во преговорите – првата меѓувладина седница“, изјави Димитров.

Пред четири дена вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, изјави дека преговарачката рамка од Европската комисија, според информациите со кои располагаат, ќе биде презентирана на 3 јуни.