Филипче - Планови за враќање во нормала, а во меѓувреме ново свето тројство - маски, миење раце, дистанца

Министерот за здравство, Венко Филипче

Министерот за здравство, Венко Филипче

Министерот за здравство, Венко Филипче изјави дека Комисијата за заштита од заразни болести врз основа на своите анализи ќе препорача дали и кога ќе има услови за безбедно одржување на избори. Тој на денешната прес конференција рече дека кога и да се одржат избори тие ќе треба да се спроведат по строг протокол за заштита на здравјето на луѓето. Министерот ги негираше шпекулациите дека се намалува бројот на тестови за Ковид -19 заради политички причини.

Во изминатото деноноќие направени се 113 тестирања, а потврдени се 7 нови случаи на Ковид-19.

Филипче најави дека во тек се консултациите за постепено враќање на животот во нормала. Но како што вели, во иднина ќе имаме ново свето тројство- носење маска, држење дистанца и дезинфекција на рацете.

За утре најави состанок на директорите на клиниките за да може тие да почнат да функционираат со цел капацитет, но притоа да се запазуваат мерките и да се избегнуваат гужви. Министерот за здравство рече дека од 235 заболени здравствени работници 184 се оздравени, со два негативни теста и сите се вратени на работа, со што клиниките и болниците кои имаа проблеми во функционирањето сега работат. Тој рече дека и враќањето на работите во нормала го отвора и прашањето за отворање на градинките, за што ќе се разговара неделава за да се донесе план.