Ангеловска: Се очекува намалување на реалниот БДП за 3,4 отсто

Министерката за финансии Нина Ангеловска

Министерката за финансии Нина Ангеловска

Економските изгледи на земјата значително се влошија како резултат на пандемијата со Ковид 19 и се очекува реалниот БДП да се намали за 3,4%, соопшти министерката за финансии, Нина Ангеловска, на денешната прес-конференција, на која ја презентираше новата проекција за македонската економија.

Според Ангеловска, буџетските приходи во април изнесуваат 14,2 милијарди денари и се намалени за околу 20% споредено со април минатата година поради корона-кризата. Даночните приходи во април се намалени за 31% во однос на лани.

„Најголем пад има кај приходите од наплата на ДДВ, и тоа 43%, потоа следуваат акцизите со пад од 40% и царините со пад 26%. Кај персоналниот данок има пад од 11,7%, додека придонесите се на исто ниво со април лани. Натфрлување има кај данокот на добивка, чија што наплата е реализирана со плус 3,6%“, рече Ангеловска.