Од заеднички интерес е Македонија да ја признае историјата, а истовремено ние да ја признаеме нивната реалност во моментов, изјави денеска шефицата на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева. Таа за бугарската телевизија Канал 3 истакна дека Бугарија води мудра надворешна политика и нема да дозволи да биде искористена во предизборната кампања кај соседот, но нема ни да ги промени условите.
Запрашана дали е можно бугарско вето поради прашањата за историјата и јазикот, истакна дека тоа не е интерес на Бугарија.
„Ние имаме јасна позиција во однос на Република Северна Македонија, секогаш ќе ги поддржуваме, само под јасни услови, тие не се сменети. Изборите поминуваат, соседите остануваат. Географијата е најнепроменливото нешто во ваков непредвидлив свет, соседите остануваат. Ние имаме интерес и тие да ја признаат историјата, а истовремено, ние да ја признаеме реалноста во моментов. Тоа е взаемен интерес“, изјави Захариева.