ССНМ, ЗНМ, СЕЕМ: Солидарност и поддршка за новинарите

илустрација

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Здружението на новинари на Македонија, повикуваат на солидарност и поддршка, пред се од јавноста, за новинарите и медиумските работници кои во последните два месеци се соочуваат со големи здравствени, безбедносни, финансиски, но и етички предизвици, во обидот правилно и навремено да ја информираат јавноста за случувањата поврзани со Ковид-19 пандемијата.

По повод 3-ти мај, Светскиот ден на слободата на медиумите ССНМ и ЗНМ потсетуваат дека борбата против дезинформациите кои се покажаа како особено штетни во вакви предизвикувачки времиња е можна само со производство на објективни и точни информации и транспарентна работа на Владата и на другите јавни институции.

„Потенцираме дека најавените намалувања на плати, или намалување на кадарот во некои медиуми е недозволиво, особено во услови кога повеќе од кога било е потребно новинарството и медиумите да ја играат својата улога на чувар на јавниот интерес. Без слобода на изразување, независни и критички медиуми не е можно воспоставување на функционална демократија, но и надминување на кризи како актуелната пандемија“, велат од ЗНМ и ССНМ.

И од Советот за етика во медиумите информираат дека од круцијално значење во овој процес е да се промени дискурсот и ставот кај оние политичари, креатори на јавно мислење и центри на моќ кои медиумите неретко ги претставуваат или третираат како непријателска страна, избегнувајќи ја својата одговорност за транспарентно и отчетно однесување кон јавноста.

„Од нив се очекува да ги штитат медиумите како предност и одлика на демократијата, а не како пречка или закана во нивните ставови и активности“, велат од Советот за етика во медиумите по повод Светскиот ден на слободата на медиумите.

Овие здуженија потсетуваат дека Македонија годинава се најде на 92-то место според извештајот на „Репортери без граници“ за слободата на медиумите, што пак како што додаваат, иако претставува мал напредок, но се уште е разочарувачка позиција.