Соединетите Држави одобрија итна употреба на експериментален лек за лекување на КОВИД-19 откако клиничкото испитување покажало дека тој им помогнал на пациентите со сериозни случаи на болеста побрзо да закрепнат. Лекот „ремдесивир“ ќе се користи за итна употреба само кај хоспитализирани пациенти но, сепак според податоците од тестирањето тој значително не ја подобрува стапката на преживување. Одобрувањето на лекот доаѓа откако повеќе американски држави започнаа да ги олеснуваат рестриктивните мерки, во момент на пораст на бројот на домашни жртви и предупредувањата од здравствените експерти.
Со речиси 1,2 милиони заразени со коронавирус и повеќе од 65.000 смртни случаи, Соединетите Држави се сметаат за земја која е најтешко погодена од пандемијата. Неколку европски и азиски земји веќе започнаа да ги олеснуваат ограничувањата, со цел да се намали целокупната економска штета што би ја предизвикале. Во Италија, една од најтешко погодените европски земји, е објавено дека 4 милиони луѓе ќе се вратат на работа оваа недела. Белата куќа продолжи да изврши притисок врз Кина, каде што се појави вирусот во декември, да сподели повеќе информации за потеклото на коронавирусот. Во светски рамки пријавени се повеќе од 3,3 милиони заразени и 238,000 смртни случаи од коронавирус.