Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денеска изјави дека преговарачката рамка од Европската комисија, според информациите со кои располагаат, ќе биде презентирана на 3 јуни.
„Преговарачката рамка се смета за најважен документ во којшто земјите членки ги утврдуваат своите позиции, а потоа Европската комисија која технички преговара во име на земјите членки, треба да ги почитува тие позиции и потоа континуирано да ги информира земјите членки. Нашите информации се дека Комисијата, оваа преговарачка рамка ќе ја презентира на 3 јуни кога Комисијата ќе излезе и со новиот пакет на проширување, односно и Годишниот извештај за прогрес“, рече Османи на прес-конференција.
На новинарско прашање, Османи го коментираше и бугарското условување за Северна Македонија.
„Анексот што се спомнува во јавноста е прилог кон записникот како унилатерален став на една земја членка. При тоа воошто не се обидувам да го омаловажам или пак да го спорам тој став бидејќи секоја земја членка има право на свој став, како што имаме ние право на свој став, и да објаснам дека ние сме свесни дека правилата на игра во ЕУ се такви“, рече Османи и додаде дека секоја земја членка може да ги стопира или блокира преговорите, но оти треба мудро да се однесуваме за да најдеме начин да ги надминеме.
Според него, договорот од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија се добра рамка за решавање на проблемите.