Советот на амбасадори смета дека Договорот за добрососедство склучен меѓу премиерите Борко Борисов и Зоран Заев е единствениот пат на зајакнување на меѓусоседските односи меѓу Бугарија и Македонија и пријателството меѓу двата народа.
„Советот на амбасадори и натаму е убеден дека минатото не научи дека треба да бидеме свртени кон иднината, без условувања, туку напротив со отворена поддршка како што е заедничката заложба во Договорот и чесните изјави дека треба да ги отпочнеме преговорите и побргу да ги исполниме условите за полноправно членство во ЕУ“, се наведува во соопштението од Советот на амбасадори испратено по дебатата која се отвори во јавноста за македонско-бугарските односи и изјавата на првиот министер за надворешни работи Денко Малевски.
- Целиот разговор со Малески за РСЕ: Мисирков и Делчев биле Бугари, но сега македонскиот јазик е реалност
- Пендаровски и владата се дистанцираат од ставовите на Малески
Советот на амбасадори оценува и дека реакцијата од Кабинетот на претседателот на државата по изјавите на Денко Малески е со мало задоцнување и се изнесува, како што велат „благо“ мислење за човек кој заземал високи позиции во државните структури и во моментот е надворешен советник.
Од Советот потсетуваат на нивниот став изнесен на 24 декември минатата година дека условот Северна Македонија да стане членка на ЕУ не би требало да биде прифаќање на интерпретацијата на бугарските историчари за потеклото на македонската нација и македонскиот јазик како единствена историска вистина, туку тоа да се заснова на заедничката вистина утврдена од комисиите кои треба да ги унифицираат разиките во толкувањето на заедничкото историско минато.