Уставниот суд денеска информира дека едногласно е донесена одлуката за запирање на кратењето на платите на сите функционери, односно за судиите, обвинителите, пратениците, советниците во општините, директорите и другите раководни лица.
Уставниот суд ја запре минималната плата за функционерите
„Тоа значи дека кај сите судии во оваа фаза од постапката, нема никаква дилема дека основано може да се постави прашањето за согласноста на овие акти со низа уставни и законски одредби. По однос на ставовите на Судот за овие уредби, но и за другите уредби со законска сила за кои на вчерашната се седница се одлучи да се поведе постапка за оценување на нивната уставност и законитост, согласно Деловникот на Судот, Владата ќе има можност да даде свои правни аргументи, наместо вчерашните непримерни и паушални наводи, кои не се во согласност со владеењето на правото и се насочени против самостојноста и независноста на Судот која треба да биде почитувана од секого вклучувајќи ја и Владата, истакнува Уставниот суд во денешното соопштение.
Владата реагираше дека одлуката за поведување постапна на уставноста и законитоста на „Уредбата за намалување на платите на 2.060 функционери, пратеници, судии, обвинители и директори на минимална плата од 14.500 денари за април и мај, директно штети на солидарноста во нашата земја“ и „директно спречува обезбедување околу 240 милиони денари во Буџетот за мерки за справување со Ковид-19“.
Здружението на судии го поддржа Уставниот суд да не се кратат платите
Здружението на судии, кое беше еден од иницијаторите против уредбата за кратењето на платите на минималец како една од вонредните мерки за справување со пандемијата, соопшти дека се согласува со одлуката на Уставниот суд.