Продолжуваат обвинувањата меѓу САД и Кина за пандемијата

Илустрација.

Кина и САД продолжија да разменуваат обвинувања за пандемијата на коронавирусот, во услови кога стапката на инфекции забавува во некои делови на светот.

Кинеските државни медиуми на 28 април соопштија дека сите пациенти со коронавирус во Вухан, епицентарот на глобалното избувнување, се отпуштени од болниците, но скептицизмот и натаму постои за бројките кои ги објавува Кина, делумно со обвинувања дека владата првично се обидувала да го скрие обемот на заразата.

Земјите вклучително САД и Австралија побараа истрага за тоа како болеста се претвори во глобална пандемија, а американскиот претседател Доналд Трамп на 27 април го критикуваше справувањето на Пекинг со избувнувањето на вирусот, велејќи дека има многу начини за Пекинг да се држи „одговорен.“

Тврдењата на САД дека вирусот всушност потекнува од институтот за вирологија во Вухан со високо-безбедносна лабораторија за биосигурност, разлутено беа отфрлени од Кина која ги обвини американските политичари за „очигледни лаги.“