Не само што се учи онлајн, туку се одржуваат и натпревари и се добиваат награди. Доказ за тоа е деветтоодделенецот Михаил Јанакиевски, ученик во Основното училиште „Даме Груев“ од Битола кој е првонаграден натпреварувач на онлајн меѓународниот натпревар за ученици од 10 до 14 години, што се одржа под мотото „Откачени научници“. Натпреварот беше деновиве, а на него преку испраќање на видео материјал, лична карта за експериментот и фотографии учествуваа ученици од повеќе европски земји.
Михаил на онлајн натпревар учествуваше со таканаречениот електронски сончоглед под менторство на наставничката по физика Валентина Степановска - Андонова. Сончогледот успева преку трансформации да создаде од сончева- механичка енергија.
„Целта на овој уред е да се зголеми коефициентот на искористување на сончевата енергија на фотоволтаичен панел со создавање на уред за следење на сонцето. Со овој уред ќе се врши претворање на сончевата во електрична енергија, а потоа акумулирање на таа електрична енергија во самата батерија и на крај се врши претворање на електричната во механичка енергија. Секако тоа се прави со помош на електромоторите со кои се изведува придвижување на сончогледот“, вели наставничката Степановска - Андонова.
Видете и ова: Онлајн наставата ги исцрпува и учениците, и наставниците, и родителите
Електронскиот сончоглед содржи фото-отпорници, електро-моторчиња за да може да се поместуваат одредени делови, батериска сијаличка, фотоволтаичен панел и работна маса.
„На главата на сончогледот се поставува еден фотоволтаичен панел, фотоотпорниците ја менуваат електричната отпорност на нивните контактелектроди под дејство на светлината кога се тие поврзани на една површина со определена положба. Со нивно поврзување во соодветно електронско коло всушност се конструира коло кое напојува електромоторчиња. Тие ја вртат платформата лево-десно, а останатото електромотор ја поместува главата на таканаречениот електронски сончоглед горе- долу. Овој систем се напојува од батериски извор на електрична енергија“, вели ученикот Јанакиевски.
Електронскиот сончоглед во иднина може да се искористи кај сончеви електрични централи.
„Сметаме дека електронскиот сончоглед има практична примена. Можам да посочам дека може да се користи кај сончевите електрични централи, за да може да се акумулира повеќе сончева енергија пожелно би било да се постават ротирачки фотоволтаични панели кои би ја следеле положбата на сонцето. А би се користеле и во други ситуации“, рече наставничката Степановска - Андонова.
Ова не е прва освоена награда од страна на ученик чиј ментор е наставничката Степановска - Андонова. Пред година и половина таа со своите ученици создадоа смарт или паметни венецијанерки кои сончевата енергија ја претвораа во електрична и светлосна, па можеа да осветлат просторија или да наполнат мобилен телефон или таблет. Овој креативен тим со иновацијата се претстави како еден од десетте најуспешни и најмлади тимови во државата, единствени учесници од Битола на работилницата „Повик за ученици-UPSHIFT – иноватори и претприемачи“ во 2018 година. И други ученици иноватори од ова училиште освоиле награди на државни и меѓународни натпревари .