Џезот е прекрасна, демократска музика. Ги охрабрува музичарите со дефинитивно различни визии и гледишта да работат заедно како тим, а во исто време, им дава простор да ја изразат својата индивидуалност. Тој е многу важна уметничка форма и може да се користи како модел различните култури да пулсираат заедно.
Ова меѓу другото, ќе го забележи познатиот американски басист и композитор Маркус Милер, инаку и Уметник за мир на УНЕСКО, во својата порака за 30 април - Меѓународниот ден на џезот.
Етаблиран од Генералната конференција на УНЕСКО во 2011 година на иницијатива на амбасадорот на добра волја на УНЕСКО – великанот Херби Ханкок, а признаен од Генералното собрание на Обединетите нации, Меѓународниот ден на џезот ги обединува земјите и заедниците од целиот свет на 30 април за да го слават џезот и да ја истакне важната улога на музиката во поттикнување дијалог, борба против дискриминација и промовирање на човечкото достоинство. Од тогаш до денес Меѓународниот ден на џезот стана глобално движење што достигнува повеќе од две милијарди луѓе годишно на сите седум континенти, вклучително и Антарктикот, преку едукативни програми, настапи, теренски заедници, радио, телевизија и стриминг, заедно со електронски, печатени и социјални медиуми.
Меѓународниот ден на џезот ја слави моќта на џезот да нè зближи во дух кога не можеме да се собереме лично. Овој 30 април со гордост ќе го набудуваме од дома.
Дијалогот меѓу културите е уште поважен во ова време на глобални предизвици. Ниту една уметничка форма не промовира меѓусебно разбирање и позитивна соработка подобро од џезот. Ајде да се собереме заедно и да го прославиме #JazzDayAtHome на 30 април. Посетете го jazzday.com за учество на првиот виртуелен меѓународен ден на џезот, ќе порача легендарниот пијанист, кој преку својот Институт за џез Хенкок е официјален партнер на УНЕСКО во организација и промоција на Меѓународниот ден на џезот.
Ова подразбира дека во центарот на вниманието ќе биде виртуелниот Глобален концерт на кој, покрај споменатите Милер и Хенкок, ќе настапат уметници од целиот свет како Ланг Ланг, Сесил Меклорин Салвант, Џон Меклафлин, Дајан Ривс, Ди Де Бриџвотер, Сибонгиле Кумало, Џон Бејзли, Бен Вилијамс, Лиз Рајт, Џон Скофилд, Игор Бутман, Евгениј Побожи, Јун Сун Нах, Џејн Монхајт, Џои Дифранческо и други.
И, кога сме веќе тука не смееме да заборавиме дека и Македонија ќе биде дел од ова големо глобално случување. За ова четврто одбележување на Меѓународниот ден на џезот овојпат се погрижија Здружението на џез музичари заедно со Град Скопје и Младинскиот културен центар.
А, согласно времето во кое живееме и мерките за превенција и заштита од Ковид-19, ЗЏМ во дослух со востановената традиција ќе приреди концерт кој во случајов ќе биде емитуван на нивната интернет страница преку онлајн видео-стриминг. Стримингот едновремено ќе се одвива и на страниците на Град Скопје и на Младински културен центар.
А, во план е во четврток на 30 април, преку целиот ден, да се одвиваат повеќе концерти на врвни македонски музичари, групи и оркестри. Љубителите на џезот ќе имаат можност да ги проследат соло настапот на Антоние Весковски, концертите на КАБАДАЈАС, ЗУЛУ 3.4, СВЕТЛОСТ, бендот на Михаил Парушев и 3JECT.
КАБАДАЈАС
Концептот на одбележувањето овојпат е таков што секој од бендовите ќе си отсвири авторски материјал кој неодамна е објавен како физичко издание или наскоро треба да х ја има својата промоција, а љубителите на џезот ќе имаат можност да го слушнат и настапот на ЗЏМ КОЛЕКТИВ - комбо ансамбл составен од изведувачи кои се членови на Здружението на џез-музичари и кои и се веќе добро познати на македонската џез-публика. На труба ќе го чуеме Трајче Велков, алт саксофон - Кирил Кузманов, пијано - Гордан Спасовски, тапани - Гоце Стевковски и бас - Дарко Мучев. Како специјални гости на овој концерт ќе се појават Џијан Емин на пијано и Ѓорѓи Шарески на гитара. Ќе биде изведена оригинална музика од членовите на ансамблот, вели Гоце Стефковски од ЗЏМ.
Во објавата за ова случување ќе биде забележано дека перкусионистот Антоние Весковски ќе се претстави со својот проект насловен „AVP Project“, со песни од неговиот албум „Wonderland“ кој набрзо треба да го види светлото на денот и дека неговиот сет се состои од повеќе инструменти на кои свири - маримба, вибрафон, клавијатури, бас, гитара и перкусии.
КАБАДАЈАС ќе се претстават во основната формација, значи Дејан Милосављевиќ на тапани, Зоран Костадиновски на гитара и Ѓоко Максимовски на бас, и тие ќе изведат композиции од нивните два студиски албуми, како и нов материјал кој е во подготовка за снимање.
СВЕТЛОСТ...во широка формација со пријателите
ЗУЛУ 3.4. најавија дека ќе понудат композиции од нивните два студиски албуми „FM to AM“ и „Expandability“, а засилените СВЕТЛОСТ кои полека израснуваат во многу повеќе од локална атракција и во последно време го бележат својот незапирлив пробив на интернационалната сцена ќе претстават дел од нивниот композиторски и изведувачки опус, како и нови композиции, „но и музика која спонтано ќе произлезе од нивните креативни мигови“.
Во авторскиот проект на тапанарот Михаил Парушев, во случајов насловен „Jazz fusion proekt“, се и Зоран Костадиновски на гитара, Мартин Јосифовски на бас, Александар Николовски на труба и Филип Димишковски на пијано, а „3јеct“ е бележан како „најновото возило за сонично истражување на тројца музичари со разгорени умови и нескротлива побуда за трасирање на музички автопати со нагласен дефицит на знаци и ленти. Поробени од најголемата слобода на „свирење од нула“, потпкрепени од вградени параметри, создаваат ненадејна музичка емпатија која потекнува од незабиколниот индивидуализам на тројцата музичари. „HOMEVERSE“ го документира нивниот иницијален поход кон непознатото и е своевидна ода на Мајката Вселена и нејзиниот modus operandi“.