Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, на својот официјален фејсбук профил објави дека до Координативниот кризен штаб во Владата предложил за претстојниот продолжен викенд за 1-ви Мај да нема продолжен полициски час, како што беше за велигденските празници, туку тоа да биде како изминатиот викенд - од сабота од 15 часот до 5 часот наутро во понеделник.
„Во пресрет на продолжениот викенд за 1 мај, сметам дека Владата треба да донесе одлука која ќе биде идентична на изминатиот викенд. Секое ограничување кое ќе биде построго и поригирозно негативно ќе се одрази на граѓаните. И понатаму стојам на ставот дека шумите и планините треба да останат отворени во периодот кога е дозволено движењето за граѓаните, но тие да се користат за рекреирање, а не за групирање на граѓаните. Апелирам до граѓаните да ги почитуваат одлуките кои се однесуваат на задолжителна употреба на соодветна заштитна опрема“, објави Чулев на својот профил на Фејсбук.
По ова, на редовната прес-конференција, министерот за здравство Венко Филипче, реагираше да не се изнесуваат такви мислења и не треба, како што рече, „да се изнесуваат лични желби или желби на групи“, бидејќи вакви одлуки треба да се донесуваат и се донесуваат врз основа на стручни мислења.