ВМРО-ДПМНЕ бара лидерска, Заев вели не треба сега

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара на лидерската средба која што ја најави Претседателот Стево Пендаровски да се донесе усогласен став во врска со бугарските условувања на македонските евроинтеграции, додека пак лидерот на СДСМ, Зоран Заев, смета дека нема потреба од лидерска средба сега.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, изјави дека на лидеркста треба да се договори заеднички став за „условувањата од Бугарија“ и за здравствената и економската криза од корона-пандемијата. Тој додаде дека „му се згадило веќе да зборува за избори“ во време кога приеоритет треба да бидат здравјето на луѓето и економијата.

Претходно, лидерот на владејачкиот СДСМ, Зоран Заев, во интервју за „Независен весник“, изјави дека сега нема потреба од лидерска средба и дека е рано да се зборува за избори, бидејќи нивни приоритет била грижата за граѓаните во панемијата.

Тој додава дека нема да се занимаваат со „партиски демагогии“ и дека место да се губи време на „политичките неуспеси на Мицкоски, Груевски и ВМРО-ДПМНЕ“, тоа време да се искористи за заштита на населението од корона вирусот и за спас на работните места.