Денеска се сеќаваме на најмрачниот ден во поновата историја на нашата држава, објави денеска премиерот Оливер Спасовски на својот официјален фејсбук профил по повод тригодишнината од насилството во Собранието на 27 април 2017 година.
„На 27 април 2017 година, со монструозна намера и со насилство беше организирана и спроведена злосторничка акција од лидерите на тогашната владеачка партија кои беа решени да се задржат на власт по секоја цена, без чувство за последиците на нивните мрачни амбиции. Упадот и обидот за окупација на домот на македонската демократија беа агресија против секој граѓанин на Република Северна Македонија и на темелите на парламентаризмот. Нивните постапки не беа само организиран криминал, туку беа предавство на идеалите и принципите на слободата и демократијата. Денес сѐ уште се чини неверојатно дека безумието отиде до таму што некои од насилниците, за да го реализираат нивниот монструозен план и намера, биле подготвени и за ликвидации нa некои од членовите на Собранието“, напиша Спасовски.
За да не се случи голема трагедија и најлошото, додава Спасовски, помогнаа разумот и присебноста на мнозинството од пратениците, храброста на поединците и силниот порив кај секој од нив безумието да заврши без трагични последици.