Продолжен полициски час за Први мај во Србија, ќе заседава и Собранието

Луѓе на пазар во Белград

Српската Влада соопшти дека забраната за движење за првомајските празници ќе трае од четврток, 30 април од 18 часот до понеделник, 4 мај до пет часот.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Владата ја донесе оваа мерка поради приближувањето на првомајските празници, со цел да ги намали социјалните контакти на минимум.

Како што соопштија од Владата, граѓаните на возраст над 65 години ќе можат секој ден да излезат на еден час прошетка помеѓу 18 часот и 1 часот по полноќ, најмногу 600 метри од местото на живеење, додека продавниците за нив ќе бидат отворени во четврток од 16 до 19 часот.

Во соопштението се додава дека Владата до Народното собрание ја испратила одлуката за прогласување на вонредната состојба, како и сите уредби со правна сила донесени од Владата со потпис на претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ.

Претседателката на српскиот парламент, Маја Гојковиќ, утрово изјави дека на претстојната собраниска седница закажана за вторник, ќе се расправа само за точките на дневниот ред. Таа кажа дека седницата ќе биде под посебни услови во однос на здравствените аспекти, во согласност со препораките на здравствените работници и дека ќе се земат предвид сите детали. На пратениците ќе им се мери температура, ќе добијат маски и ракавици и ќе седат на растојание – преку секое второ место.