Премиерот Оливер Спасовски вели дека не се знае точно колку ќе трае оваа здравствена и економска криза и какви одлуки ќе бара да се носат, па затоа треба да се овозможи функционалност на Парламентот, доколку се покаже потребно.
„Очекувам сите политички субјекти да бидат на висина на одговорноста и да носат одлуки во интерес на државата и на граѓаните, а не да се водат од партиски калкулации. Ние сме целосно демократска власт, а во демократија е нормално Владата да биде контролирана од Парламентот и ние немаме проблем со тоа“, вели премиерот Оливер Спасовски.
Во интервју за „Фактор“, Спасовски истакнува дека СДСМ и пред кризата, но и денес е подготвен за избори. Но, во овој момент приоритет број еден е здравјето на граѓаните и совладувањето на здравствената криза. Сите сили сега се насочени кон справувањето со коронавирусот.
На прашањето кога според него би се издржале изборите, премиерот одговара дека најпрво сака скорешна стабилизација на здравствената ситуација, а штом се случи тоа ќе може да се разговара за сите други политички процеси во државата.