Пендаровски најавува лидерска во првата половина на мај

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски планира да организира лидерска средба во првата половина на следниот месец.

Од Кабинетот на претседателот за МИА потврдуваат дека на средбата во мај ќе се разговара за натамошниот тек на политичкиот процес во земјата, како и за можните термини за одржување на следните парламентарни избори.

„Во овој период сите напори и државни ресурси треба да бидат насочени кон справување со пандемијата на коронавирусот“, велат од Кабинетот на претседателот Пенадровски.

Мицкоски бара лидерска средба

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски синоќа јавно го повика шефот на државата, Стево Пендаровски да свика лидерска средба во врска со иницијативата на СДСМ и коалициските партнери кои бараат повторното свикување на Собранието.

СДСМ смета дека засега нема потреба од организирање лидерска средба. Во овој момент, според партијата, најважно е надминувањето на пандемијата со коронавирусот и решавање на економските последици од неа.

Одговорајќи на новинарско прашање, потпретседателот на СДСМ, Коста Петров денеска на прес-конференција истакна дека не е ниту време да се разговара за избори.