Руско вселенско летало со над 2,5 тони намирници, но и со фотографии и спомени кои ќе бидат употребени за одбележување на победата против фашизмот во Втората светска војна, успешно слета на Меѓународната вселенска станица (МВС).
Руското летало за снабдување Прогрес 75 беше пречекано од тричлениот екипаж на станицата – американскиот космонаут Крис Кесиди и руските космонаути Анатоли Иванишин и Иван Вагнер. Леталото ќе остане закачено на станицата седум месеци.
Леталото беше лансирано од космодромот Бајконур во Казахстан и стигна до Меѓународната вселенска станица за 3 часа и 20 минути.
Автоматското товарно летало исто така треба да помогне во пречекувањето на американското летало ДрагонЕкс Кру Драгон на компанијата СпексИкс, која го има закажано своето прво лансирање со екипаж за 27 мај. Тоа ќе биде прв вселенски лет на американска ракета со екипаж лансиран од САД, откако НАСА ја пензионираше вселенската флота во 2011 година.
Руското летало Прогрес 75 исто така беше искористено во специјалната комеморативна кампања за одбележување на 75-годишнината од победата во Втората светска војна во Европа, која во Русија се прославува на 9 мај. Русите беа повикани да испратат фотографии и имиња од нивните роднини кои загинале во војната до руската вселенска агенција Роскосмос. Тие предмети ќе бидат прикажани како дел од државната кампања „Бесмртниот полк“.