По два викенда со целосна забрана за движење денеска почнува првиот викенд со скратен полициски час. Забраната за движење денеска ќе почне од 15 часот, а ќе трае до понеделник во 5 часот наутро. За лицата над 67-годишна возраст денеска е дозволено движење од 5 до 11, а децата до 18 години ќе може да излегуваат од 12 до 15 часот.
Според новите мерки што ги однесе Владата во средата, маска или нешто што ги покрива устата и носот задолжително треба да се носи во сите затворени јавни места каде што има повеќе лица како маркети, продавници, банки, пошти, здравствени установи, како и при користење на јавен превоз.
На отворено заштитна опрема задолжително се носи на пазари и на отворени простори каде нема можност да се одржува физичката дистанца од два метра до другите лица во близина.
Со олеснување на забраната за движење, полицискиот час секој работен ден, од понеделник до петок во целата држава ќе почнува од 19 часот до 05 часот наутро. За лицата над 67-годишна возраст ќе биде дозволено движење секој работен ден од 05 часот наутро до 12 на пладне. Децата до 18 години ќе може да излегуваат од понеделник до петок од 13 до 19 часот.