Филипче- маски треба да се носат, ракавици не се неопходни

Архивска фотографија-Прес-конференција на министерот за здравство Венко Филипче од домашна изолација

Министерот за здравство, Венко Филипче на денешната прес-конференција рече дека задолжителното носење на маски е најмногу поради тоа што голем дел од заболените од Ковид19 немаат симптоми, а со носењето маска се спречува можноста за ширење на вирусот. Тој нагласи дека првично и Светската здравствена организација не препорачуваше маски, но дека мислењата се сменија по многубројните анализи и студии.

Во однос на ракавиците, министерот рече, дека ако внимателно и често се мијат рацете, тогаш тие апсолутно не се неопходни за носење.

„Доколку се внимава и не се манипулира околу устата и носот и со маската и доколку често се мијат рацете во долго времетраење од дваесетина секунди, сметам дека апсолутно ракавици не се неопходни. Заради тоа што и ракавици доколку се носат и невнимателно се манипулира околу прекривката на устата, носот или маската, тогаш може да се пренесе вирусот“, рече министерот Филипче во одговор на прашање.

Македонските граѓани од вчера мора да носат заштитни маски кога се на јавен простор на кој не може да држат физичка дистанца од два метри и во затворени простори.

Оваа одлука ја донесе владата откако реши да ги олесни ограничувањата, па сега полицискиот час наместо во 16 часот, започнува во 19 часот, а за викенд наместо од петок попладне ќе почне од утре.

Според денешните информации во изминатите 24 часа потврдени се 26 нови случаи на Ковид-19 со што вкупната бројка заболени изнесува1.326 луѓе. Денеска се оздравени 36 пациенти, а почина еденпациент на 80 години од Скопје.