Политичките интереси поважни од уставните толкувања за Собранието

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Рејтингот на власта зависи од менаџирањето на кризата

Политичарите не се раководат од она дали интерпретацијата на Уставот е ваква или онаква, политичарите се водат од тоа дали нешто е политички опортуно во даден период, вели професорот по политички науки Ненад Марковиќ од Правниот факултет во Скопје Јустинијан Први. Тој вели дека мерките против коронавирусот се нужни, но дел од нив се и тешки. Преиспитувањето на вонредните одлуки од страна на Собранието отпосле ќе биде помалку ефикасно, вели тој.

Г-не Марковиќ, како ги оценувате досегашните мерки на владата во борбата против пандемијата на новиот коронавирус?

Најголем дел од нив ги оценувам како нужни и потребни да се смири ситуацијата или она што велат да се израмни кривата. Знам дека се донесувани врз база на наши врвни епидемиолози и врз база на компаративни искуства од регионот и Европа, така што сметам дека се потребни, нужни, но дел од нив секако тешки, имаат голем психолошки инпакт, особено оние продолжени периоди на забрана на движење кои траат преку викендите, а особено оној за православниот Велигден кога имавме огромно времетраење на растрикцијата на движење што секако се одразува на други аспекти, ако ги исклучиме економските, се одразува на психолошките аспекти. За она за кое јас имав сомневање и мислам дека се оди во добар правец тука, мислам дека тука беше дали карантинот којшто почнуваше од 16 часот во работните денови навистина го даваше ефектот и секогаш треба да премерите кој е тој оптимум меѓу создавање на гужви во продавници, маркети, пазари, пошти, во однос на тоа колку тоа треба да трае, така што мислам дека ова што се врати од 19 часот е добар потег, со тоа ќе се намалат гужвите и истовремено ќе се избегне оној вид на активно движење на помладите кои секако им е забрането движењето. Во таа смисла мислам дека постои и една друга опасност, а тоа е прерано опуштање и прерано влегување во некаква авантура дека се е готово и сè се завршило. Сите светски и домашни епидемиолози, јас редовно ги слушам, велат дека практично крај нема да постои, можеме да го држиме процесот да го држиме помалку или повеќе под контрола, така што треба максимално да бидеме дисциплинирани. Најавата да се враќаат децата во школо не знам колку е паметна, во секој случај треба кон мерките да се пристапува внимателно, не избрзано иако се бориме три фронта, не се бориме само против вирусот, борбата против вирусот е првиот фронт, се бориме против комплетното економско пропаѓање или огромна рецесија и се бориме за психолошкото здравје на нацијата кое не е помалку важно.

СДСМ заедно со албанските опозициски партии бараат да се состане Собранието, по повеќе од еден месец од прогласувањето на вонредна состојба, иако таа можност ја имаа и претходно кога се бараше да биде утврдена вонредна состојба, што мислите на што се должи тоа сега?

Евидентно дека се поделија пратениците во два табора, од една страна се ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, од друга страна се Алијансата, Беса, Алтернатива, ДПА итн. Се должи очигледно на правните недоследности, да речам правните дупки кои постојат во Уставот, кои оставаат можност да интерпретација од страна на стручната јавност, во кој еве јас лично не спаѓам, затоа што не сум конституционалист по вокација, евидентно тука се јавија две школи на размислување што ги збуни и самите политичари, меѓутоа политичарите не се раководат од она дали интерпретацијата на Уставот е ваква или онаква, политичарите се водат од тоа дали нешто е политички опортуно во даден период. Иако мене ме чуди што опозиција не сака да се состане парламентот, тоа е доста, независно од правните толкувања, еве сега да се апстрахираме од нив, рековме дека постои она толкување дека не може да се состане и онаа толкување кое вели дека може да се состане, меѓутоа факт е дека ова не е критериум, критериум е политичкиот интерес во овој момент.

По изборите новиот пратенички состав ќе има право односно ќе има задача да ги потврди владините уредби донесени во време на вонредната состојба, со тоа ќе има право и да преиспита дел од нив, како гледате на ова со оглед дека уште пред прогласувањето на вонредната состојба свесно се откажаа од тоа право?

Ако сега пратениците не сакаат да се свикаат и ако се тврди дека владата многу мал дел од уредбите кои ги донела се врзани со вонредната состојба, тогаш ми е страв за некој од нив да не биде премногу доцна, кога ќе се свија новото собрание. Затоа мислам дека час поскоро свикување на собранието и да си продолжи со својата контролна функција врз извршната власт би било подобра опција, меѓутоа пак ви велам, тука е таа конституционална недореченост, дилема кои ја имаат и најголемите стручњаци во оваа држава, врвни имиња на нашиот конституционализам и тоа станува пост фестум такво преиспитување е секогаш помалку ефикасно, отколку побрзо.

Колкав придонес во рејтингот на власта ќе имаат членството во НАТО и почетокот на преговори со ЕУ?

Тоа мислам дека малку падна во заборав во однос на оваа корона-криза. Тоа ќе видиме дали тоа ќе може да се реактуализира како тема, многу е лошо што се случи во ова време, не можеше власта да профитира многу политички, се случи сред една криза во која на луѓето не им значи многу дебатата за ЕУ и НАТО, меѓутоа сепак е тоа едно завршено, комплетно портфолио со кое власта може да излезе на избори и да рече – Ние тоа ви го ветивме, понесовме голема жртва, понесовме огромен број на критики, понесовме огромен политички ризик, меѓутоа барем она што го имаме како резултат, еве постои и такво е какво е имаме членство во НАТО, имаме почеток на преговори со ЕУ. Можеби во овој момент рејтингот повеќе зависи од доброто менаџирање на кризата. Приоритет е да се излезе од оваа криза релативно неоштетени, економијата е втората веројатно најбитна работа, а ЕУ и НАТО сепак ќе паднат на трето и четврто место.