Барањето што го иницираше СДСМ за свикување итна собраниска седница за потврдување на одлуките на Претседателот на државата за прогласување вонредна состојба пристигнало кај Претседателот на Собранието, Талат Џафери, информираше неговиот кабинет, по што тој треба да одлучи дали ќе закаже собраниска седница.
Во барањето, потпишано од 35 пратеници од пратеници од коалицијата на СДСМ, ДПА, БЕСА и од Независната пратеничка група, му се предлага на собранискиот спикер да закаже седница со две точки на дневен ред - Едната за потврдување на одлуката на претседателот Стево Пендаровски од 18 март за прогласување вонредна состојба на целата територија на државата и втората - Потврдување на втората одлука на претседателот од 16 април со која се прогласени нови 30 дена вонредна состојба.
По доставувањето на барањето до Џафери, реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Уставот е јасен, Собранието е распуштено, откако Собранието ќе се распушти се организираат избори во моментов тие избори се стопирани заради огромната криза со која што и здравствено и економски се соочува Македонија и тоа Собрание не може повторно да заседава затоа што е распуштено“, изјави денеска потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.