Владата ги намали рестриктивните мерки за ограничување на движењето. Тоа значи дека полицискиот час се скратува, па така почнувајќи од четврток, 23 април, секој работен ден, од понеделник до петок ќе биде дозволено движење на граѓаните од 05:00 часот наутро до 19:00 часот. Забраната за движење во целата држава ќе почнува во 19 часот и ќе трае до 05 часот наутро. За лицата над 67 годишна возраст ќе биде дозволено движење секој работен ден од 05 часот наутро до 12 на пладне. Младите лица до 18 години ќе може да излегуваат од понеделник до петок од 13:00 до 19:00 часот.
На денешната владина седница е одлучено да се намали и ограничувањето на движење за време на викендите. Од сега забраната за движење за викенд ќе почнува од 15:00 часот во сабота, а ќе трае до понеделник до 05:00 часот наутро. Во сабота, за лицата над 67 годишна возраст ќе биде дозволено движење од 05 часот наутро до 11 часот наутро. Во сабота, младите лица до 18 години ќе може да излегуваат од 12:00 до 15:00 часот.
Видете и ова: Попуштање на мерките – грижа за економиите или за здравјето на граѓаните
Премиерот Оливер Спасовски денеска изјави дека мерките попуштаат поради намалениот број на новозаразени и зголемувањето на бројот на излекувани. Намалувањето на рестриктивните мерки, според Спасовски, е зголемување на одговорноста на граѓаните.
Премиерот најави дека следната фаза во која влегуваме е фазата на имплементација на „меки мерки“ за претпазливост кои подразбираат задолжително држење на растојание од 2 метра и носење на заштитна маска или заштитна прекривка на лицето и носот. Маски нема да се носат само ако сте во двор, на тераса, кога се возите со велосипед или се спортува на отворено каде што има можност да се држи растојание, како и кога сте во патничко возило со членовите на семејството. Задолжително е носење маски во јавниот превоз, во маркети, во пошта, во банка, на зелените пазари и други затворени простории кадешто нема можност за држење растојание. Забраната за групирање на повеќе од две лица и понатаму останува во сила.
„Пикот е се уште тука, но ефектите од почитувањето на досегашните мерки се видливи. Сепак, значаен процент од заболените со коронавирус е асимптоматски, тоа значи дека лицето кое стои пред вас може да е заболено, а да не знае, а само два метри можат да ве заштитат. Во однос на повторно отворање на градинките и училиштата може да кажам дека овој дел се уште го анализираме и ќе носиме одлука по првомајските празници. Најважно сега е да се спроведат и меките мерки за превенција и да се сочува колективното здравје“, изјави премиерот Спасовски.
Видете и ова: Ќе се врати ли слободата по короната?
Министерот за здравство Венко Филипче пак информираше дека денеска се регистрирани 48 излекувани пациенти. Од нив 6 пациенти од болничко лекување и 42 кои се лекуваа во домашни услови. Во ГОБ „8 сетпември“ починал пациент од Скопје на 51 годишна возраст, примен во болницата на 9 април во тешка состојба и веднаш поставен на респираторна машина. Во изминатите 24 часа потврдени се 28 нови случаи на ковид-19, а направени се вкупно 660 теста.
„Меките мерки се всушност зајакнување на превентивните мерки, и затоа е многу важно носењето прекивка на дишните патишта за да се одржува стабилниот тренд и линераниот пораст на пациенти. Останува сега сите да се прилагодиме на мерките и истите да се почитуваат со цел што поскоро да ставиме крај на оваа криза“, изјави министерот Филипче.
Инаку, пред најавата во Македонија, дел земји од Европската унија веќе почнаа со олеснување на мерките. На пример во Германија од неделава се отворени продавниците со површина до 800 квадратни мерки, автосалоните, продавниците за велосипеди, книжарниците, а за во иднина се најавени и други олеснувања. Чешката влада, пак, излезе со детален план со датуми кога што ќе се отвори, слично е и во Шпанија, една од најпогодените земји од коронавирусот.