Пратеници од повеќе партии се потпишаа на иницијативата за повторно свикување на Собранието. Потписите ќе бидат доставени утре до собранискиот претседател кој треба да одлучи дали ќе го свика собранието.
Иницијативата за собирање потписи денеска ја започна Социјалдемократскиот Сојуз. Од партијата се повикуваат на членот 67 од собранискиот Деловник, според кој, претседателот на Собранието може да свика седница и по барање на претседателот на Републиката, Владата и на најмалку 20 пратеници.
„Ставот на пратеничката група на СДСМ е дека Собранието треба да биде во функција и за тоа се исполнети сите услови пропишани во Уставот. Затоа нашата цел е да направиме уште еден обид да биде свикана седница на која ќе бидат потврдени одлуките на Пендаровски, но да биде во функција и доколку во иднина има потреба повторно од прогласување вонредна состојба“, изјави Јован Митроски, координатор на пратеничката група на СДСМ за МИА.
Иницијативата да се свика Парламентот доаѓа откако претседателот Стево Пендаровски минатата недела донесе нова одлука со која се утврди вонредна ситуација во период од 30 дена.