Минатата година во Европа биле регистрирани највисоките температури досега, со што се продолжува рекордниот тренд на емисија на стакленички гасови, се наведува во новата студија објавена по повод Денот на планетата Земја.
Според годишниот извештај на Сервисот за климатски промени на Европската унија, „Коперник“, во Европа минатата година е забележана највисока просечна температура досега. Во извештајот исто така се нагласува дека од 12 највисоки просечни температури во Европа досега, единаесет се регистрирани од 2000 година наваму.
Директорот на агенцијата „Коперник“ оценува дека трендот на пораст на температурите најверојатно ќе продолжи и оваа година. Податоците за периодот меѓу декември 2019 и февруари годинава укажуваат дека оваа зима била досега најтоплата во Европа, објави „Ројтерс“.
Научниците посочуваат дека концентрацијата на гасови во атмосферата кои доведуваат до глобално затоплување, како што се јаглерод диоксид и метан, минатата година се искачила на ниво невидено на планетата милиони години наназад и истото е сè уште присутно.