Владата и ВМРО-ДПМНЕ со различни ставови за слобода на медиумите

Микрофони поставени на пре-с конференција. Илустрација

Владата соопшти дека ги зема предвид укажувањата на „Репортери без граници“ и најавува дека во соработка со медиумските организации и медиумите, ќе продолжи да создава услови за натамошни подобрувања и повисоки рангирања на листата.

Од Владата посочуваат дека во извештајот е наведено оти повисокото место на земјава на Светската листа на слободата на медиумите е резултат на самоорганизирањето на медиумските организации кои го донеле Регистарот на професионални онлајн-медиуми, како и на напредокот во однос на условите за работа утврдени во Повелбата за услови за работа за новинарите и нацрт фер-договорите за вработување во дигиталните медиуми промовирани од Независниот синдикат на македонски новинари и медиумски работници (ССНМ) во соработка со ЗНМ и СЕММ.

Во однос на забелешките за реформите во МРТВ, од Владата посочуваат дека тие не се реализирани поради блокадите од страна на ВМРО-ДПМНЕ во Парламентот, а за владиното рекламирање потенцираат дека уште во 2017 година е целосно стопирано.

Репортери без граници: С. Македонија на 92 место според индексот за слобода на медиумите

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека државата е повторно најлоша во регионот по медиумските слободи и тоа не е изненадување. Од партијата обвинуваат дека бескурпулозната партизација која што се врши во сите институции, СДСМ посакува да ја спроведе и во Советите на АВМУ и МРТ, а тоа според ВМРО-ДПМНЕ, е со една цел која е далеку од реформа, односно да има целосна партиска контрола врз медиумите, што е далеку од демократија и градење здраво општество.

„Во Македонија СДСМ со партизираниот државен апарат прават притисок врз медиуми под лажниот превез на борба со лажни вести, ги делат на провладини или ги прогласуваат за непријатели, судат и гонат новинари за искажан збор и поставени прашања, дискриминираат медиуми преку владината прес служба. И ова е само дел од состојбите“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Македонија за една година се искачи три места погоре на Светската листа на слобода на медиумите за 2020 година. Од 95-то, државата сега е рангирана на 92-то место со средна оценка од 31,28 поени.