Градоначалничката на Битола Наташа Петровска до Советот предложи сет економски мерки за помош на фирмите чие работење е попречено со пандемијата. Мерките предвидуваат ослободување од закупнини на деловен и градежен простор за три месеци, а фирмарина за цела година.
„Ослободување од закупнина на деловни простори во сопственост на Општина Битола за март, април и мај, понатаму од надоместоци за комунална такса за користење на простор пред деловни простории за истите три месеци, од закупнина на градежно земјиште под објект за март, април и мај, какои ослободување од фирмарина на сите занаетчии и трговци поединци на годишно ниво“, рече Петровска.
Ова се само дел од мерките кои ги предлага во оваа фаза кои треба во најскоро време да бидат изгласани од страна на Советот на Општина Битола. За понатаму се очекува одредена помош да понудат и јавните претпријатија кои наплаќаат дел од локалните услуги.
„Само по овие основи Општина Битола се откажува од своите приходи во висина од над 6 милиони денари. Ова е возможно само порадифинансиската стабилност на Општината што е резултат на домаќинското трошење на парите на граѓаните во изминатиот период. Дополнително јавните претпријатија во зависност од нивните можности ќе дадат мерки за одложување на последиците. Околу милион денари потпишав помош за финансиски средства за социјално ранливите семејства“, додаде Петровска.
Видете и ова: Спуштената рампа на Меџитлија ги прекина трговските врски со Грција
Ослободувањето од закупот и фирмарината ќе значат олеснување за дуќаните низ градот, посебно за оние во старата битолска чаршија каде занаети има се помалку. Според занаетчиите ова е едно од ретките олеснувања што го добиле по долго време.
„Давачките се големи. Со години никое од Министерството за економија или за финансии не рече да не ослободат од нешто. Им даваат субвенции само на земјоделците.
„Само корекции правиме, немаме сметка да шиеме нови оти муштерии нема.“
„Во Битола преку 200 души имаше занаетчии, а денес сме петмина.“
„Изумрени се занаетите, останати се неколкумина кондураџии и еден ковач“, велат битолчани.
Занаетчиите кои имаат вработени работници ќе можат да користат и од мерките на Владата за справување со кризата предизвикана од КОВИД-19 како субвенции за плата. Занаетчиската комора, пак, поднесе и предлог меркипротив кризата, во кои предложи да бидат субвенционирани придонесите на вработените, бидејќи одреден дел од занаетчиските бизниси се само-вработени, а се без работници.