Иран и Сирија ги критикуваат САД што не ги укина санкциите и покрај коронавирусот

Иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф разговараше со сирискиот претседател Башар ал-Асад во Дамаск.

Иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф разговараше со сирискиот претседател Башар ал-Асад во Дамаск, во време кога двете земји се борат против пандемијата на коронавирус.

На фотографиите објавени на Твитер профилот на иранската влада се гледа како Зариф и Асад носат заштитни маски за време на разговорот во главниот град на Сирија. Двајцата ја искористија средбата да ги критикуваат САД зашто не ги укина санкциите врз двете земји за да им се олесни борбата против коронавирусот. Иран е најблискиот сојузник на Сирија во регионот. Заедно до Русија, Техеран му пружа клучна воена помош на Асад во граѓанската војна во земјата која трае веќе десетта година.

Над 400 илјади луѓе загинаа во конфликтот досега, а милиони луѓе се раселени. Војната го уништи сирискиот здравствен систем, а хуманитарните работници и граѓанските активисти предупредуваат дека владата е неспособна да спречи ширење на вирусот.

За време на средбата, Зариф рече дека причината зошто Вашингтон не ги укинува санкциите против овие земји кои се борат против коронавирусот „сега стана јасна“.

Иранската економија страда поради острите американски санкции, откако претседателот Доналд Трамп еднострано се повлече од нуклеарниот договор со Техеран во 2015 година. Вашингтон ја отфрла можноста за укинување на санкциите, велејќи дека тие не забрануваат хуманитарна помош и медицинска опрема за земјите.

Иран е една од земјите најсилно погодени со коронавирусот. Во земјата досега има над 83 илјади заразени, а над 5200 луѓе починаа, но многумина Иранци и меѓународни експерти сметаат дека таа бројка е уште повисока. Сирија има 39 регистрирани случаи и две жртви во околината на Дамаск, но повеќето експерти стравуваат дека бројките се многу поголеми.